Мажите, во просек, почесто се заљубуваат, додека жените се попосветени и имаат поинтензивни романтични чувства.
Во една нова студија, истражувачите од Австралискиот национален универзитет открија разлики во заљубувањето меѓу мажите и жените.
Рекоа дека мажите во врска се заљубуваат во партнерките еден месец порано од жените и поверојатно е да го направат првиот потег и да кажат „те сакам“.
Исто така, мажите во просек почесто се заљубуваат, додека жените се попосветени и имаат поинтензивни романтични чувства и повеќе од половина од своите будни часови поминуваат размислувајќи за своите партнери.
Истражувачите, во студија објавена во списанието Biology of Sex Differences, велат дека разликите можеби се сведуваат на вродените приоритети: мажите се водени од потребата да имаат многу различни партнери, додека жените се попребирливи и бараат „квалитет“ наместо квантитет во врската.
Научниците анкетирале повеќе од 800 луѓе на возраст од 18 до 25 години кои биле заљубени и во врска. Откриле дека мажите се заљубуваат околу 12 отсто почесто од жените, во просек 2,6 пати наспроти 2,3 пати, пишува Дејли Мејл.
Жените се повнимателни кога се заљубуваат
Мажите исто така имале речиси двојно поголема веројатност да се заљубат пред официјално да започнат врска. Тие исто така се заљубувале побрзо, во просек еден месец порано од жените.
Жените се повнимателни и во просек им требаат 1,92 месеци за да развијат интензивни чувства. Исто така, жените размислувале за својата сакана 54 отсто од нивните будни часови, наспроти 44 отсто од мажите.
„Заљубувањето еден месец порано им дава на мажите поголема можност да го искористат за додворување и да покажат романтична љубов како искрен знак на посветеност“, забележале истражувачите.
„Мажите ќе се заљубат порано од жените бидејќи нивните вродени приоритети го фаворизираат квантитетот пред квалитетот на потенцијалните партнери, додека спротивното важи за жените. Сето ова е во согласност со вродените приоритети при изборот на партнер, при што жените се поселективни од мажите“, откриле тие



