Рок-пејачот Џон Бон Џови е критикуван поради добротворна иницијатива во неговиот роден град Томс Ривер, Њу Џерси, откако неговата народна кујна предизвика расправија со градоначалникот.
Градоначалникот на Томс Ривер, Даниел Родрик, го обвини Бон Џови дека привлекува бездомници од целата држава во неговата народна кујна, која нуди оброци со плаќање однапред, што наводно го влошува проблемот со бездомништвото во градот.
Бон Џови ја започна кујната преку својата фондација, а ресторанот се отвори во февруари во градската библиотека.
Во интервју за „Фокс њуз“, Родрик рече дека кујната создава „депонија“ за бездомниците, бидејќи, како што тврди, бездомници од други делови на земјата доаѓаат во градот, што исто така ја влошува безбедносната состојба во тој дел од градот.
„Не сакаме да бидеме епицентар на бездомништвото. Не сакаме да бидеме депонија за бездомници од целиот Њу Џерси“, рече Родрик, нагласувајќи дека државата треба да преземе одговорност за решавање на проблемот.
Кујната, која беше отворена со цел да им се помогне на луѓето, беше критикувана од градоначалникот поради зголемениот број бездомници на улиците, но тој призна дека не се обратил директно до Бон Џови или до неговата фондација за да ги сподели своите наоди.
Народната кујна им овозможува на корисниците да платат за оброк со предложени 12 долари или да волонтираат во замена за оброк.



