Крипторхизам претставува состојба кога едниот или двата тестиси за време на фeталниот развој не се спуштиле низ ингвиналниот канал до скротумот. Нормално процесот на спуштање на тестисите се одвива по 28. недела од бременоста. Но, за жал, кај дел од бебињата оваа промена не се случува пред раѓањето, па тестисот застанува или на првобитното место од развојот во стомачната празнина или на својот пат кон скротумот се заглавува во слабинскиот или ингвиналниот канал. Кај дел од нив состојбата се коригира, па тестисите се спуштаат во првите неколку месеци по раѓањето.
Педијатрите велат дека оваа состојба е почеста кај предвремено родените бебиња. Обично се работи за само еден неспуштен тестис, а само кај 10% од нив се неспуштени и двата тестиси.Главниот знак дека имате проблем со „неспуштени тестиси“ е доколку едниот или двата тестиси не ги гледате или чувствувате на допир.
Кога да побарате медицинска помош?
Се советуваат родителите за време на капењето на своите деца да ги прегледуваат тестисите,. Неспуштен тестис обично се открива веднаш по раѓањето откако мајката ќе си замине од болница. Побарајте медицинска помош доколку ситуацијата не се смени во првите четири месеци по раѓањето. Лекувањето на неспуштениот тестис кога детето е помало го намалува ризикот од компликации во понатамошниот живот, како што се неплодноста и можноста од појава на карцином.
Кај тинејџерите кај кои нормално биле спуштени двата тестиси може со текот на времето да се појави состојба на вовлекување на тестисот. Вовлечениот тестис може да се движи напред назад. Оваа промена се случува заради опаѓање на мускулниот тонус во скротумот.
Причини
Точната причина за неспуштени тестиси е непозната. Комбинацијата од генетиката, здравјето на мајката, стресот, земањето хормонска терапија и надворешните фактори.
Фактори на ризик
Фактори на ризик кои може да доведат до појава на неспуштени тестиси се:
• Ниска родилна тежина
• Предвремено породување
• Семејна историја на неспуштени тестиси или други проблеми со гениталиите
• Даунов синдром
• Употреба на алкохол за време на бременоста
• Пушење цигари за време на бременост
• Пестициди
• Компликации за време на бременоста
Компликации
Ако тестисот остане неспуштен по завршувањето на пубертетот можни се следниве компликации:
Карцином на тестиси – овој вид карцином почесто се појавува кај лицата кои имале неспуштени тестиси. Шансите се зголемуваат ако спуштањето на тестисот не се случило до 7 година од животот. За да не настанат компликации се препорачува овој проблем да се реши оперативно. Се смета дека можноста за развој на карцином на тестиси е многу поголема ако тестисите не се спуштат природно или со помош на операција. Доколку и за време на операција хирурзите не можат да го најдат тестисот, може да се работи за проблем кој се случил уште во бременоста за време на развојот на фетусот. По спуштањето на тестисот во тестикуларната ќеса која се наоѓа веднаш зад пенисот значително се подобрува плодноста.
Проблеми со плодноста – се смета дека мажите кои имаат неспуштени тестиси во иднина ќе имаат намален број сперматозоиди, слаб квалитет на спермата и намалена плодност. Ако состојбата не се лекува може да доведе до влошување.
Увртување на тестисот – оваа состојба може да доведе до појава на крвавење и болка. Ако не се третира може да дојде до губење на тестисот.
Компликации можат да направат и одредени трауми и ингвиналната хернија (кила).
Третман
Целта на третманот е да се донесат тестисите до соодветната локација во скротумот. Ако третманот се изведе пред детето да наполни една година се намалуваат компликациите од неспуштен тестис, како што е неплодност и карцином на тестиси. Колку порано се направи операцијата толку подобро, но се препорачува интервенцијата да се направи пред детето да наполни 18 месеци.
Хируршки третман
Ако кај детето има еден неспуштен тестис обично проблемот се решава со хируршка интервенција. Оваа постапка може да се направи лапараскопски или со отворена операција. За тоа кога треба да се изведе интервенцијата најдобро ќе биде да поразговарате со вашиот доктор бидејќи изведбата зависи и од здравствената состојба на детето, како и од тежината на оперативниот зафат. Докторите советуваат дека најдобар период да се направи операцијата е помеѓу 6. и 12. месец од животот. Во некои случаи може да се случи тестисот да е слабо развиен, ткивото да е оштетено или да има мртво ткиво. Ако вашето малечко има ингвинална хернија во комбинација со неспуштен тестис, хернијата може да се коригира за време на операцијата. По интервенцијата хирургот ќе ја следи ситуацијата со тестисите, дали тие продолжуваат нормално да се развиваат, дали нормално функционираат и дали останале на местото во скротумот. Следењето може да вклучува – физички преглед, преглед со ултразвук во скротумот, тестови за испитување на нивото на хормоните, хормонска терапија. Хормонската терапија вклучува инјектирање на хуман хорионски гонадотропин (HCG).



