Новата линија на производи што ја лансираше сопругата на англискиот принц Хари, Меган Маркл, вклучувајќи џем од малини во тегла за повеќекратна употреба, е распродадена за помалку од еден час, објавија денеска британските медиуми.
Колекцијата производи наречена „Како некогаш“, која вклучува и билни чаеви, мед и прашок за пециво, беше пуштена во продажба вчера, а некои од овие производи Маркл ги користеше во готвачката серија на Нетфликс со наслов „Со љубов, Меган“, пренесува Тајмс.
“Полиците ни се празни, но моето срце е полно! Се распродадовме за помалку од еден час и не можам доволно да ви се заблагодарам. И ова е само почеток”, напишала војвотката од Сасекс во објавата на Инстаграм.
Меган претходно ги предупреди клиентите дека производите се продаваат во ограничени количини. Едно лице може да добие до две пакетчиња џем од малини во посебна тегла, за која Меган рече дека е дизајнирана да може повторно да се употребува.
Овој џем е првиот производ што го направи Маркл, па го поделија на пријатели и инфлуенсери.
Таа препорача дека овој намаз може да се користи со палачинки како романтичен појадок во кревет.
Џемот во специјална тегла чини 14 долари, но подоцна ќе биде понуден без тоа пакување за 9 долари, според неговата веб-страница, која ветува дека ќе следат нови производи.
Во низата активности на војвотката од Сасекс, најавен е и подкаст во кој ќе разговара со жени претприемачи, а првата епизода е закажана за 8 април.



