Ибица, Шпанија
Барем еднаш во животот мора да ја посетите Ибица, како најпознато место во Шпанија каде забавата трае до 8 часот наутро. Последните години Ибица стана доста поскапа од претходните години, па доколку сакате да посетите дискотека тоа може да ве чини и околу 100 евра. Во секој случај, оваа дестинација е една од најпопуларните каде што младите во сè поголем број ја посетуваат.
Закинтос, Грција
Една од најубавите плажи во светот и одлично место за забава. Лаганас е “жив” и преку денот, но во вечерните часови е друга приказна. Младите од сите страни на светот го посетуваат овој остров, заради богатата понуда на барови и ноќни клубови како и одлична забава.
Зрче, Хрватска
Плажите во Зрче се едни од најпознатите во Европа, каде комбинацијата од кристално чистото море и рајското опкружување плус луда забава е нешто што секој би го посакал.
Барселона, Шпанија
Неверојатен ноќен живот, безброј, барови, клубови, пабови. Градот во кој не се спие и сè е во знакот на добрата забава.
Будва, Црна Гора
Едно од најпознатите туристички места во Црна Гора, убави плажи и исполнет ноќен живот. Одлични отворени и затворени дискотеки, како и барови на плажа, оваа дестинација е една од најпопуларните за младите.
Кушадаси, Турција
Кушадаси е една од најпопуларните туристички дестинации во Турција, која се наоѓа на егејското море, па во текот на летниот период овај град е посетен од голем број туристи. Во стариот дел на Кушадаси доминираат помирните места- помали и поинтимни кафе-барови, а во другиот дел наречен Bar Street се наоѓаат сите ноќни клубови, барови и дискотеки за млади кои нудат забава до раните утрински часови.
Сончев брег, Бугарија
Сончев брег е најмодерното летувалиште на Црното море, сместено на залив долг 8 километри кој формира полумесечина. Бурниот ноќен живот на Сончев брег е загарантиран. Изборот на локали е огромен, од ресторани, пабови,дискотеки па и казина.
Миконос, Грција
Со право Миконос е наречен грчката Ибица. Прекрасниот остров e како од разгледница. Поголемиот број на барови и клубови имаат превисоки цени, но ќе најдете и достапни кафичи за одлична забава и незаборавно искуство.
Сутоморе, Црна Гора
Ова летувалиште на Јадранското море некогаш било одлична дестинација за семеен и мирен одмор. Во последните 5 години тоа стана магнет за млади луѓе кои бараат целовечерни забави. Од ноќните клубови, постојат неколку со различна музика, па за секој вкус има по нешто. Добрата страна на Сутоморе е што не спаѓа во скапи летувалишта.
Малиа, Крит
Последните неколку години Малиа стана една од најпопуларните дестинации за забава на Крит. Како и останатите летувалишта за млади, така и ова е преполно со барови и клубови, а ги има преку 80. Ова место сè повеќе почна да привлекува светски музички имиња. Можете да најдете многу барови каде што нудат пијалоци по промотивни цени, така да можете да испиете 6 текили за 3 евра, што инаку е цената на една текила.



