Подготовката е половина завршена работа. Истото важи и за патувањата без оглед што најчесто патуваме за да се одмориме, опуштиме, да го нахраниме љубопитниот дух, да доживееме нови искуства, да се вљубиме или едноставно да го промениме секојдневието. Подготовката, особено кога станува збор за прекрасниот Тајланд, е секако потребна, без оглед дали патувате организирано со агенција или во сопствена организација.
За обичаите и традицијата на Тајланд пишувано е многу, но ние за Вас одбравме информации кои според нас се најважни за да покажете почит кон месното население и нивната земја.

- Име на главниот град
Пред да заминете за Тајланд, потребно е да го знаете името на нивниот главен град. Ако мислевте дека ќе можете да поминете само со изговарање на Бангкок, тоа не е доволно, затоа што вистинското име на градот на ангелите (патем и најдолгото име на некој град) е: “Krung Thep Mahanakhon Amon Rattanakosin Mahinthara Ayuthaya Mahadilok Phop Noppharat Ratchathani Burirom Udomratchaniwet Mahasathan Amon Piman Awatan Sathit Sakkathattiya Witsanukam Prasit.”
Лесно е нели? Само започнете да вежбате на време.

- Кралот е бог
Над било кој закон е почитувањето на кралското семејство и тоа е нешто што се очекува од секој жител како и од секој посетител на Тајланд. За да стекнете увид во тоа до која мерка оди ова почитување, ќе Ви кажеме само дека е казниво да се згази паричка на која се наоѓа ликот на кралот – нормално ако Ве уловат.
Во секој случај, не експериментирајте да зборувате лоши работи за кралското семејство, а посебно не против таткото на нацијата, Кралот Ramа IX. По неговата смрт тајландскиот народ тагувал една година, почитувајќи го како симбол на праведност и придржување кон будистичките начела.
- Чувајте ги нозете прибрани
Жителите на Тајланд, нозете ги сметаат за највалкан дел од телото. Затоа, на пример, посочување со нога во некого или нешто, би имало иста симболика како кај нас покажување на среден прст.
Подигнување на нога на столче се смета за ужасно непристоен манир. Значи чувајте ги своите стапала цврсто на подот, не ги истакнувајте, барем додека сте во гужва на тајландските улици.
Кога сме кај нозете, ќе приметите голем број на чевли пред храмовите, што е вообичаено. Но, ќе видите и чевли пред многу локални продавници, автентични ресторани и домовите на жителите… Пратете ја масата и сами соблечете ги чевлите.

- Внимателно со главата
Ако нозете се највалканиот дел од телото, можете да претпоставите што Тајландѓаните сметаат за најсвет и најчист дел од телото – секако главата. Кога и подобро ќе размислите, тоа и не е така необично. Тајландѓаните сметаат дека е навреда доколку им ја допрете главата, дури и ако е дете во прашање кое сакате да го погалите од милост. Едноставно – не ја допирајте главата ниту во случај кога е жив човек, ниту кога е во прашање статуа, на пример Buddhа. Ако случајно Ви се случи некого да допрете до глава, најљубезно извинете се и ќе Ви биде простено.
- Веројатно ќе Ви биде жешко, но мора да се покриете
Меѓу првите нешта што ќе посакате да разгледате се бројните храмови. Овие свети места на будизмот, мора да бидат третирани со најголема почит кога ги посетувате. Иако, особено на туристичките дестинации, вообичаено е да се шета разголено, земајќи ги во предвид високите температури, задолжително е да бидете покриени при влегување во храм. Тоа би значело дека со себе секогаш треба да носите марама која ќе ја префрлите преку рамена, како и нешто за покривање на колената. Во спротивно влезот ќе Ви биде забранет.

Да резимираме…
За Кралот се’ најдобро, нозете прибрани, туѓи глави не допирајте, секогаш носете со себе марами за покривање. Тоа е тоа, подготвени сте!


